Tuesday, May 3, 2016

Редовни настани


Штандови на „Пиво фест '09“ во центарот на Прилеп

Пиво Фест
 

Пиво фест е пивски фестивал што се одржува во летниот период во градот Прилеп во организација на општината Прилеп и стопанските.
Фестивалот е од отворен тип, се одржува во центарот на градот. Учество земаат познати производители на пиво и локални угостители. Посетители доаѓаат од сите краишта на Република Македонија и соседните земји. Фестивалот е познат по добрата забава, скара и ладното пиво и секако масовната посетеност.
Фестивалот има стекнато традиција, и на туристичката карта на Прилеп има едно од најважните места. На фестивалот гостуваат екстрадни ѕвезди од регионот. Во 2009 главен гостин била хрватската пејачка Северина. Во 2010 била Светлана Ражнатовиќ-Цеца, во 2011 Здравко Чолиќ, во 2012 Лепа Брена,во 2013 Горан Бреговиќ , во 2014 Жељко Самарџиќ во 2015 Дино Мерлин .И многу други познати музичари како Жељко Јоксимовиќ,Миролслав Илич,Петар Грашо,Халид Бешлиќ,Љубиша Стојановиќ - Луис,Харис Џинович,Данијела Мартинович,Емина Јаховиќ,Тони Цетински,Јелена Розга,Тијана Дапчевиќ ,Оливер Драгојевиќ,Неда Украден,Гоца Тржан,Саша Ковачевиќ и многу други.


11 Октомври


Импровизиран напад на участокот кој секоја година го организира АРМ заедно со граѓаните

Огномет во Прилеп на празникот
Поради самиот факт дека се работи за голем настан од Македонската историја, низ државата се организираат разни свечености и прослави. Традиционално се одржуваат свечени концерти. Повеќе делегации одМакедонското Собрание положуваат цвеќе на гробот на првиот претседател на Президиумот на АСНОМ, Методија Андонов-Ченто, во Паркот на Револуцијата во Прилеп, како и на Спомен-костурницата на паднатите борци од народноослободителната борба во Куманово. Во Прилеп секоја вечер спроти празникот се одржува традиционалниот импровизиран напад на градот како потсетување на историските настани од предвечерјето на 11 октомври 1941 година. Во Прилеп постои и Меморијален музеј „11 октомври“ во кои се изложени неколку стотици фотографии и значајни документи од народно-ослободителната борба.Прилепскиот градски оркестар организира маршрута од центарот на градот кон Могилата на непобедените. Каде покрај движечкиот оркестар се организира и спектакуларен огномет.
Посебна важност има и свечено положување цвеќе на Партизанските гробишта во Скопје од страна на повеќе делегации на Владата, на Собранието, на Претседателот на Македонија, на Главниот одбор на Сојузот на борци на Македонија, делегација на Министерството за одбрана и Генералштабот на Армијата и на Град Скопје.
Не изостанува и редовната свечена академија и обраќање на повеќе македонски државници и поранешни партизани во Домот на АРМ во Скопје. Исто така се изведуваат и крводарителски акции.

Во дијаспората

Празникот се прославува не само во Република Македонија, туку и во целиот свет каде што живеат Македонци. Традиционална прослава има секоја година во главниот град на Велика Британија, Лондон. Македонските друштва од Германија секоја година организираат прослави со богата културно-уметничка програма, каде настапуваат повеќе естрадни ѕвезди од Македонија.

Награда 11 октомври

По повод на овој празник во Република Македонија традиционално се доделуваат наградите „11. Октомври“ за животно дело во областа на науката, уметноста, стопанството и други дејности. Традиционално наградите се доделуваат во зградата на Македонското Собрание. Според Законот за државните награди на Република Македонија со државната награда „11 Октомври” со оддава највисоко признание за животно дело во областа на науката, уметноста, стопанството и во другите дејности од јавен интерес. Државната награда се доделува на поединци, група творци, екипи, установи, трговски друштва и здруженија на граѓани од земјата. Под условите определени во конкурсот може да се додели и на странски државјани, група творци, екипи и институции од странство.

Уметност и архитектура


Црквата „Св. Благовештение“

Црквата „Св. Кирил и Методиј“
Постојат неколку антички знаменитости во Прилеп, вклучувајќи една кај Маркови Кули, црквата „Св. Никола“ од XIII век, црквата „Св. Успение Богородично“ („Трескавец“), црквата „Св. Преображение“ и „Могилата на непобедените“, споменик во чест на жртвите од фашизмот кој се наоѓа во централниот парк на Прилеп. Познато е дека постои голема римска некропола каде се најдени голем број на ѕидини. Римски урнатини се наоѓаат и блиску до Варошкиот Манастир, изграден на стрмните падини на ридот, каде подоцна е населена средновековна заедница. Голем број на раноримски гробници, некои со скулптурни релјефи на починатите или од „тракискиот јавач“ и други споменици од официјална природа, се наоѓаат во двориштето на црквата под јужната падина на Варош. Некои од најголемите споменици биле изградени во ѕидовите на црквата.
Најважниот антички споменик е стариот град Стибера ситуиран на ридот Бедем близу Чепигово, во централниот дел на Пелагонија.
Манастирот Трескавец, е изграден во XII век во планините на 10км северно од Прилеп, под Златоврв, на работ на мала висорамнина на околу 1100 метри надморска висина. Други инскрипции во Трескавец вклучуваат неколку римски творби од I век посветени на Аполон. Старата тврдина била користена од Римјаните, а подоцна Византијците. Во средновековието, Крале Марко ја обновил цитаделата, правејќи ја важна воена тврдина. Дури и Цар Самуил дошол таму по поразот на Беласица во 1014 година.
Цркви
  • Црква „Св. Благовештение“ - позната како Стара Црква;
  • Црква „Св. Кирил и Методиј“ - црква градена во периодот 1926-1936 ;
  • Црква „Св. Преображение“ - се наоѓа во самиот центар на градот;
  • Црква „Св. Петка“ - црква од поново време. Се наоѓа во населбата Точила;
  • Црква „Св. Троица“ - гробјаснка црква која се наоѓа се наоѓа на Песјобрдо;
  • Црква „Св. Константин и Елена“ - се наоѓа во населбата Аличаир. Поставени темели во 2012;
  • Црква „Св. Пантелејмон“ - се наоѓа во дворот на градската болница. Поставени темели во 2012;
  • Црква „Св. Наум Охридски“ - се наоѓа покрај спортската сала „Македонија“. Поставени темели во 2012;
  • Црква „Покров на Пресвета Богородица“ - се наоѓа на три километри од Прилеп, кај месноста Kула;

    Стопанство

    Прилеп е центар на производство на висококвалитетен тутун и цигари, металопреработувачка, електронска, дрвна, текстилна, прехранбена и мермерна индустрија (рудникот „Сивец“).

    Нива со тутун во близина на Прилеп
    Тутунот е еден од прилепските традиционални култури што успева во македонската клима. Многу од големите светски производители на цигари го користат прилепскиот тутун откако ќе се обработи во нивните локални фабрики. Кога во Прилеп бил основан Институтот за тутун за креирање на нови видови тутун, тоа било прв пример за примена на генетиката во земјоделството на Балканот. Повеќето жители на Прилеп опстојуваат со производство на тутун, кој потоа се откупува од Тутунски комбинат АД Прилеп во Прилеп. Во 2014 година во Прилепско Поле (општините: Прилеп, Долнени и Кривогаштани) биле произведени 9531 тони тутун што претставува 34% од вкупното количество тутун произведено во Македонија.
    Покрај тутунопроизводството во Прилеп, од големите индустриски претпријатија работат и Прилепска пиварница, мермерниот комбинат, индустријата за висока технологија „Микросам“ која е позната во светот по големиот број произведени роботи и разни технолошки изуми, повеќе фабрики за мебел, градежни материјали и воена опрема.
    Во градот функционираат и јавните претпријатија: ЈКП Комуналец, ЈКП Водовод и канализација, ЈКП Пазари и ЈП за просторни и урбанистички планови.

    Образование


    Могила на непобедените

    Куќата на Бектешовци изградена во 1923 година претставува споменик на културата
    Образованието во Прилеп се одвива во повеќе училишта. Основни училишта се: ОУ „Блаже Конески“, ОУ „Гоце Делчев“, ОУ „Добре Јованоски“, ОУ „Кире Гаврилоски Јане“, ОУ „Климент Охридски“, ОУ „Кочо Рацин“ и ОУ „Рампо Левката“. Во составот на основните училишта функционираат и повеќе подрачни училишта во градот и околните села.
    Средните училишта се: Гимназијата „Мирче Ацев“, а од стручните: СОЕПТУ „Кузман Јосифовски Питу“, СОУ „Ѓорче Петров“, СОУ „Ристе Ристески - Ричко“ и СУ „Орде Чопела“, на кои постојат голем број на стручни насоки.
    Од високото образование постои Економскиот факултет, како и дисперзирани студии за информатика и компјутерска техника и земјоделие,  производство и преработка на тутун, рударство, геологија и инженерство на природни ресурси. Исто така, во Прилеп функционираат и постдипломски студии при Институтот за композитни материјали и роботика.

    Култура

    • Институт за старословенска култура - ИСК генерално се занимава со етногенезета на старите Словени, преку истражувањата на археолозите, историчарите на уметност, етнолозите, лингвистичарите и други помошни историски науки. Формиран е како Центар за истражување на старословенската култура при Музејот на град Прилеп, а во 1980 година се осамостојува како институција од научен карактер. Негов основач е тогашниот директор на Музејот на град Прилеп - проф. д-р. Бошко Бабиќ, а подоцна и негов директор од 1980 година.
    Споменици посветени на десетте прилепски бранители кои во конфликтот во 2001 година загинаа кај месноста Карпалак
    • Центар за современа ликовна уметност (ЦСЛУ) - Уметничка колонија, којашто секоја година (во летниот период во месеците јули и август) се одржува во центарот на градот Прилеп, за време на Прилепското културно лето. Основана е во 1957 година, од страна на историчарот на уметност и археолог - проф. д-р. Бошко Бабиќ (директор на ЦСЛУ до 1981 година, а потоа и нејзин доживотен почесен претседател), по негова иницијатива и исто така по иницијатива на неговиот пријател и долгогодишен соработник на ЦСЛУ - академскиот сликар Ристо Лозановски. Уметничката колонија е една од најстарите во Југоисточна Европа, а е најстара на Балканот. Секоја година, се одржуваат, редовни четири работилници: „Интернационалната сликарска колонија (започната 1957 год.), „Интернационален скулпторски симпозиум „Мермер" (1963 год.), „Интернационално студио за пластика во дрво (1971) и Интернационално ателје за скулптура во метал (1984). Периодично се одржуваат и други работилници, како: „Уметничка Фотографија, Керамика, Витраж, Мозаик, Графика, а од 2005 година и „Студиото за пластика во пластика, основано по инцијатива на директорот на ЦСЛУ Диме Јанески (на функција од 1981 година до денес) и академскиот скулптор Предраг Јаневски.
    • Македонски театарски Фестивал „Војдан Чернодрински" - кој се одржува во чест на првиот модерен македонски автор на драми, Војдан Чернодрински, кој бил роден во село Селци, Струшко во 1875 год. Основан е во 1965 година, од страна на познати македонски актери, кои ја дале целата нивна поддршка, како што се: Нада Гешоска, Димче Гешоски, режисерот Мирко Стефаноски и други. Овој театарски Фестивал е најголемиот и најзначајниот за македонската театарска дејност, како и пошироко на Балканот, чии признанија се од голема важност во животот на актерите. Се одржува секоја година, во првата недела од јуни.
    • Манастирот во Зрзе и манастирот „Св. Архангел Михаил“, кои имаат фрески од XII и XIV век, се значајни знаменитости на културата во Прилеп.
    • Исто така е важен манастирот „Трескавец“, кој се наоѓа на падините под врвот Златоврв каде се снимени дел од сцените на филмот „Пред дождот“ на Милчо Манчевски.

    Население

    Градот Прилеп има поволна демографска слика, бидејќи бројот на неговото население бележи константен прираст на секој попис. На почетокот на XX век, во Прилеп живеат 24.520 жители. За време на Балканските војни, бројот на населението опаѓа, па така во 1914 год. изнесува 22.237 жители. Потоа започнува процес на миграција на турското население и Првата светска војна, а поради тоа населението во градот повторно се намалува и во 1921 год. изнесува 18.508 жители. По овие периоди започнува постојан природен прираст на населението. Тоа се јавува првин поради доселувањето на извесен број колонисти од Југославија. Во периодот од 1948 до 1971 бројот на жителите во градот се зголемил повеќе од два пати. Тоа се должи на миграцијата село-град, како и на големиот природен прираст. Денес природниот прираст е во стагнација.
    Прилеп е четврт по големина град во Македонија, а според последниот попис од 2002 година, во градот се регистрирани 66.246 жители. Со новата територијална поделба селото Варош преку конурбација е споено со градот Прилеп и денес претставува негова населба. Заедно со сите жители од Варош, во градот Прилеп вкупно живеат 69.704 жители.

    Етнички групи

    Според етничката структура населението во градот е следново: Македонци - 64.754 (92,56%), Роми - 4.379 (6,60%), Срби - 162 (0,23%), Турци - 123 (0,19%), Албанци - 21 (0,03%), Власи - 17 (0,02%), Бошњаци - 17 (0,03%) и останати - 229 (0,34%). Во градот најмногу се зборува македонскиот јазик, односно неговиот прилепски говор.

    Религија

    Според пописот на население од 2002 година најголемиот дел од жителите на Прилеп се православни христијани (91,56%). Градот е седиште на Прилепското намесништво на Преспанско-пелагониската епархија на МПЦ-ОА, кое опфаќа повеќе парохии.
    Втора по бројност религија е исламот (6,54%). Во градот живеат и 63 католици (0,0009%) .


    Население низ историјата
    ГодинаЖители %±
    192118.508—    
    193122.821+23,3%
    194824.816+8,7%
    195329.776+20,0%
    196137.459+25,8%
    197148.202+28,7%
    198160.464+25,4%
    199166.817+10,5%
    200266.246−0,9%
    Извор: Податоците од 1948-2002 се според официјалните пописи[16]

    Потекло на името




    Постојат повеќе претпоставки за потеклото на името на градот Прилеп. Според едно предание на Марко Цепенков, луѓето кои почнале да се доселуваат, своите куќи ги граделе прилепени до калето на Марко, па поради прилепените куќи и градот го добил името Прилеп. Во истото предание се споменува дека градот бил прилебно место (место каде што се правело леб).
    Според некои истражувачи името има старословенско потекло со значење блатно, мочурливо место, место покрај блато. Според Блаже Конески името Прилеп е образувано од личните имиња Прилепа и Прилепка, кои се зачувани во руската антропонимија.

    За Градот


    Прилеп
     — град во Македонија, сместен во северниот дел на Пелагониската Котлина, во јужниот дел на Република Македонија, до него се стасува преку магистралниот пат М-5. Има 73.925 жители и површина од 1.675 км². Се наоѓа на 128 км од главниот град Скопје.
    Прилеп е познат како „градот под Марковите Кули“ поради неговата близина до кулите на легендарниот херој Крали Марко (во Прилеп нарекуван Крале Марко).
    Градот е одликуван со орден на народен херој на Југославија на 7 мај 1975 и е еден од осумте одликувани града во СФР Југославија со овој орден. Покрај тоа носители на овој орден се уште 14 лица кои потекнуваат од Прилеп и Прилепско.

    Саат Кула


    Саат кулата во Прилеп преставува споменик на културата. Градена е во периодот 1825/1826 година. Подигната од Саид-ага, висока околу 40 м, заедно со столбовите и конусот на врвот достига до 55 м. Ја изградил познатиот прилепски градител Перо Лауц. Реновирана во 1836/37 и 1896/97 година, а во меѓувреме бил поставен часовник во 1858 година. Во долниот дел, на спротивната страна од влезот, има чешма. Над влезната врата има натпис со арапски букви на кој пишува

    „Чукањето на саатот не е секогаш означување на времето. За животот и времето што минува саатот жали и вика ...„Ах..."“