Прилеп е центар на производство на висококвалитетен тутун и цигари, металопреработувачка, електронска, дрвна, текстилна, прехранбена и мермерна индустрија (рудникот „Сивец“).
Тутунот е еден од прилепските традиционални култури што успева во македонската клима. Многу од големите светски производители на цигари го користат прилепскиот тутун откако ќе се обработи во нивните локални фабрики. Кога во Прилеп бил основан Институтот за тутун за креирање на нови видови тутун, тоа било прв пример за примена на генетиката во земјоделството на Балканот. Повеќето жители на Прилеп опстојуваат со производство на тутун, кој потоа се откупува од Тутунски комбинат АД Прилеп во Прилеп. Во 2014 година во Прилепско Поле (општините: Прилеп, Долнени и Кривогаштани) биле произведени 9531 тони тутун што претставува 34% од вкупното количество тутун произведено во Македонија.
Покрај тутунопроизводството во Прилеп, од големите индустриски претпријатија работат и Прилепска пиварница, мермерниот комбинат, индустријата за висока технологија „Микросам“ која е позната во светот по големиот број произведени роботи и разни технолошки изуми, повеќе фабрики за мебел, градежни материјали и воена опрема.
Во градот функционираат и јавните претпријатија: ЈКП Комуналец, ЈКП Водовод и канализација, ЈКП Пазари и ЈП за просторни и урбанистички планови.
Образование
Образованието во Прилеп се одвива во повеќе училишта. Основни училишта се: ОУ „Блаже Конески“, ОУ „Гоце Делчев“, ОУ „Добре Јованоски“, ОУ „Кире Гаврилоски Јане“, ОУ „Климент Охридски“, ОУ „Кочо Рацин“ и ОУ „Рампо Левката“. Во составот на основните училишта функционираат и повеќе подрачни училишта во градот и околните села.
Средните училишта се: Гимназијата „Мирче Ацев“, а од стручните: СОЕПТУ „Кузман Јосифовски Питу“, СОУ „Ѓорче Петров“, СОУ „Ристе Ристески - Ричко“ и СУ „Орде Чопела“, на кои постојат голем број на стручни насоки.
Од високото образование постои Економскиот факултет, како и дисперзирани студии за информатика и компјутерска техника и земјоделие, производство и преработка на тутун, рударство, геологија и инженерство на природни ресурси. Исто така, во Прилеп функционираат и постдипломски студии при Институтот за композитни материјали и роботика.
Култура
- Институт за старословенска култура - ИСК генерално се занимава со етногенезета на старите Словени, преку истражувањата на археолозите, историчарите на уметност, етнолозите, лингвистичарите и други помошни историски науки. Формиран е како Центар за истражување на старословенската култура при Музејот на град Прилеп, а во 1980 година се осамостојува како институција од научен карактер. Негов основач е тогашниот директор на Музејот на град Прилеп - проф. д-р. Бошко Бабиќ, а подоцна и негов директор од 1980 година.
- Центар за современа ликовна уметност (ЦСЛУ) - Уметничка колонија, којашто секоја година (во летниот период во месеците јули и август) се одржува во центарот на градот Прилеп, за време на Прилепското културно лето. Основана е во 1957 година, од страна на историчарот на уметност и археолог - проф. д-р. Бошко Бабиќ (директор на ЦСЛУ до 1981 година, а потоа и нејзин доживотен почесен претседател), по негова иницијатива и исто така по иницијатива на неговиот пријател и долгогодишен соработник на ЦСЛУ - академскиот сликар Ристо Лозановски. Уметничката колонија е една од најстарите во Југоисточна Европа, а е најстара на Балканот. Секоја година, се одржуваат, редовни четири работилници: „Интернационалната сликарска колонија (започната 1957 год.), „Интернационален скулпторски симпозиум „Мермер" (1963 год.), „Интернационално студио за пластика во дрво (1971) и Интернационално ателје за скулптура во метал (1984). Периодично се одржуваат и други работилници, како: „Уметничка Фотографија, Керамика, Витраж, Мозаик, Графика, а од 2005 година и „Студиото за пластика во пластика, основано по инцијатива на директорот на ЦСЛУ Диме Јанески (на функција од 1981 година до денес) и академскиот скулптор Предраг Јаневски.
- Македонски театарски Фестивал „Војдан Чернодрински" - кој се одржува во чест на првиот модерен македонски автор на драми, Војдан Чернодрински, кој бил роден во село Селци, Струшко во 1875 год. Основан е во 1965 година, од страна на познати македонски актери, кои ја дале целата нивна поддршка, како што се: Нада Гешоска, Димче Гешоски, режисерот Мирко Стефаноски и други. Овој театарски Фестивал е најголемиот и најзначајниот за македонската театарска дејност, како и пошироко на Балканот, чии признанија се од голема важност во животот на актерите. Се одржува секоја година, во првата недела од јуни.
- Манастирот во Зрзе и манастирот „Св. Архангел Михаил“, кои имаат фрески од XII и XIV век, се значајни знаменитости на културата во Прилеп.
- Исто така е важен манастирот „Трескавец“, кој се наоѓа на падините под врвот Златоврв каде се снимени дел од сцените на филмот „Пред дождот“ на Милчо Манчевски.
No comments:
Post a Comment